НОВ ТРЕНД: Северот на Европа попривлечен од Медитеранот

Скандинавските земји се на пат да станат попопуларна летна дестинација од Медитеранот. Со зголемувањето на температурите поради глобалното затоплување, југот на Европа станува претопол за опуштено уживање, па туристите се свртуваат кон малку посвежите дестинации. Дотолку повеќе што температурите и кај нив со текот на годините се зголемија, па во најтоплите денови достигнуваат до 30 степени Целзиусови, пишува „Блумберг“.

Нордиските земји се воодушевени бидејќи предвидуваат дека ова би можело да биде рекордна година. Според податоците на „Виртуосо“, мрежа на советници за луксузни патувања, бројот на резервации во скандинавските земји се зголемил за 27 отсто во споредба со минатото лето.

Шведска забележа скок од цели 47 отсто, додека, на пример, некогаш омилената летна дестинација Италија порасна за само три отсто.

Пребарувањата за летови од аеродромите во Велика Британија до Копенхаген, Берген, Норвешка и Стокхолм за ова лето, исто така, се зголемија за двоцифрен процент, според пребарувачот за патувања „Кајак“.

И Исланд има корист од зголемувањето на резервациите за 49 проценти, до кое дојде заради тоа што бродовите за крстарење се повеќе застануваат на рутите меѓу Канада, Гренланд и Норвешка.

Минатиот мај е одбележан 12-тиот последователен месец на рекордни температури со глобален просек кој е за 1,52 Целзиусови степени повисок од прединдустриските нивоа.

Грција, оваа година, на пример, беше принудена да го затвори познатиот локалитет Акропол во најжешките делови од денот за да ги заштити туристите од смртоносните горештини.

Истражувањето на Европската унија покажа дека затоплувањето на светот има потенцијал да предизвика големи промени во патувањата на Стариот континент.

Според најлошото сценарио (кое претпоставува раст на просечната температура на воздухот за четири степени Целзиусови), Грција би можела да доживее пад на туристичката побарувачка за повеќе од седум проценти, во споредба со 2019 година.

Според истата пресметка, Шведска, Данска и Финска би забележале зголемување на побарувачката за повеќе од шест отсто.

Иако Скандинавија не е целосно имуна на екстремните временски услови предизвикани од глобалното затоплување, исцрпувачките топлотни бранови таму се сеуште многу ретки.

Иако е можно да се одморите на плажа во Данска, се повеќе странци во северните земји доаѓаат заради планинарење и за ирвасите и поларната светлина. Или да ги истражат модерната уметност, дизајнот и културната сцена во Осло, Стокхолм и Копенхаген. Поради ова нивната туристичка сезона може да трае подолго од онаа на Медитеранот.

Истражувањето на „Посетија Данска“ (Visit Denmark), спроведено на 9.000 луѓе во седум европски земји, покажа дека речиси половина од нив доживеале екстремни временски услови на нивните одмори минатата година, вклучително и топлотни бранови. Две третини рекле дека заради тоа ќе го променат своето однесување, што може да значи резервација на патување во некое друго време од годината, избор на други дестинации или дури и помалку патување во странство.

Температурите кои ќе ги пречекаат на нивната дестинација се особено важни за оние туристи кои доаѓаат од и онака претоплите краеви.

Живееме во жештини, па сакавме малку посвежо време. Дома секој ден се справуваме со 50 степени Целзиусови, па решивме да дојдеме во Европа за да доживееме пониски температури. Данска беше добар избор за нас“, изјави за Блумберг“, Риши Кан, трговец со текстил од Њу Делхи.

Климатските промени не се единствената причина за туристичкиот бум во Скандинавија. Намалувањето на вредноста на валутата во Норвешка и Шведска ги направи тие држави попривлечни за странците.

Сепак, останува клучно тоа што овие земји најдоа начин како глобалното затоплување да го искористат во своја полза.

Нордиските туристички агенции својот регион почнуваат да го претставуваат како место кое патниците можат безбедно да го истражуваат дури и во средината на летото.

Кога ги имате овие топлотни бранови на континентот, игралиштата се премногу жешки за децата да си играат, атракциите се затворени и на крајот морате повеќето од времето да го поминете дома, а луѓето сакаат да бидат надвор за време на нивниот одмор. Тоа е нашата предност“, вели Нина Кјонигсен, портпарол на „Посетија Норвешка“ (Visit Norway)

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

(Фото: Хенрик Садура / Тетра Имиџис)

-----------
Почитувани читатели, Ве замолуваме да ја заследите нашата Фејсбук страница за да сте во тек со содржината на РЕВИЗОР:


Фејсбук страница
Scroll to Top